Македонија
21. јуни 2019 - 13:11

Адеми: Зголемен интересот за запишување во некои стручни училишта

Одлуката што МОН ја донесе вчера за прием на сите ученици што сакаат да се запишат во гимназијата „Орце Николов“, иако се надмина квотата од Конкурсот, нема да влијае на определбата за поголема поддршка и афирмација на средното стручно образование за што Министерството спроведува и кампања.

Прашан за коментар во врска со оваа отстапка во корист на гимназиското образование наспроти апелите за запишување во стручно, министерот Арбер Адеми во изјава за медиумите рече дека оваа година се соочиле со таква ситуација во „Орце Николов“ и „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје и во „Димитар Влахов“ во Струмица, но дека не се работи за голем број ученици.

-Нема да дозволиме ниту едно дете да остане на улица, а особено кога се работи за најуспешни ученици со континуиран одличен успех  5.0, рече Адеми, повторувајќи го ставот што им го пренел и вчера на родителите кои се противеа на квалификациски тест за селекција, кој инаку е предвиден со конкурсот за упис кога се пријавуваат поголем број кандидати со ист успех.

Во однос на стручното рече дека не само што спроведуваат кампања, туку со неа нудат и продуктивност и атрактивност затоа што е направена целосна реформа на средното стручно образование со нови наставни програми каде што средните стручни предмети се позастапени од општообразовните.

-Повеќе практична настава, повеќе пракса, а истовремено го промовираме и поддржуваме дуалното образование. Ако во 2017 година почнавме со планирани 33 ученици, во 2018/2019 дуалното опфати околу 200, а во 2019/2020 околу 300 ученици. Според податоците што ги добивам, во некои средни стручни училишта е зголемен интересот за запишување, а лично се уверив кога бев во Штип каде што во едно стручно училиште бројот е значително зголемен, истакна Адеми.

По првиот јунски упис на 17 и 18 јуни, МОН соопшти дека 4464 се запишале  во гимназиите и 7000 во стручните училишта. Второто пријавување и запишување е на 24 и 25 јуни