Македонија
19. February 2016 - 14:38

Адеми: Вкупно 2,35 милиони евра инвестиции во образованието во тетовско

Министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми заедно со раководителот на секторот за јавни дејности во општина Тетово Ахмед Ќазими денеска го посетија централното основно училиште „Братство Миѓени“ во Тетово каде во тек се заеднички активности за обнова на тоалетите, подовите и дел од училишниот инвентар во вкупна вредност од околу 200 илјади евра. 

- Министерството за образование и наука учествува во обновата на тоалетите што веќе е завршено, како и обновата на подовите во ходниците и училниците на зградата, додека општината врши замена на дотраените училишни клупи и столчиња и друг инвентар со нови. Ова е само дел од вкупно 2,2 милиони евра инвестиции на министерството за обнова на 11 училишни објекти во Тетово, а заедно со планираните за оваа година инвестиции во средното економско училиште „Осми септември“ во Тетово и основното училиште во Гајре вкупната сума на инвестиции во образованието во тетовско ќе достигне 2,35 милиони евра, изјави Адеми.

Тој поосчи дека приоритет на Владата и МОН остануваат инвестициите во образованието и во тетовско и низ целата држава за подобрување на условите за работа на наставниците и за учење на учениците што има за цел подигање на квалитетот на образованието.

Во однос на состојбите со паралелките на македонски јазик од тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ што сега наставата ја држи во просториите на  Работничкиот универзитет и основното училиште „Гоце Делчев“, министерот Адеми посочи дека има проблеми околу реализацијата на деталниот урбанистички план и кога тоа ќе се реши од нивна страна ќе се излезе со прокет за разрешување и на овој просторен училишен проблем во Тетово.