Македонија
5. October 2015 - 15:06

Адеми: Квалитетно образование и реално стекнати квалификации

Со свечена академија и признанија за најдобрите просветни работници денеска на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје беше одбележан Светскиот ден на учителите - 5 Октомври.

Квалитетното образование е приоритет за Македонија и нема отстапки од намерата за реално стекнати квалификации на младите, истакна министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.

Целта на Република Македонија, посочи Адеми, е да се доближи до европскиот образовен простор, да ги исполни европските стандарди и со тоа граѓаните да се стекнат со споредливи знаења со оние во Европа. - Длабоко убедени дека само со реално стекнати квалификации младите луѓе во иднина ќе можат да одговорат на софистицираните барања на  професијата која ќе ја вршат ние нема да отстапиме од оваа намера без оглед на тоа колку процесите понекогаш се тешки и бараат дополнителен труд, рече Адеми.

Според него,  поради изменетите општествени  односи, напредокот на техниката и изменетите услови на стекнување знаење денес учителите се соочуваат со низа предизвици. Тие, пред се, се одразуваат во процесот на реформата на образованието, која бара едуциран учител кој има стекнато современи вештини на користење на информатичката технологија, добро познавање на детската психологија и неговите изменети интереси, примена  на современи интерактивни методи, успешност да се организира тимска работа, несебична посветеност и секако соодветни услови, Владата и Министерството за образование и наука преземаат низа чекори за исполнување на овие услови, рече Адеми.

Одговарајќи на новинарски прашања информира дека најавената академија за наставници како дел од реформите во образованието ќе почне да функционира откако ќе биде избран управен одбор за што е во тек постапка.  - УО се избира од страна на Владата со предлози од различни институции предвидени со Законот. Понатаму УО ќе објави оглас за директор и заменик-директор. Според Законот, огласот ќе биде меѓународен за да може да аплицираат и странски експерти. Откако ќе се конституираат органите ќе почне да функционира академијата, рече Адеми, дополнувајќи дека ќе се најдат и простории и услови за нејзино функционирање.

Запишувањето на академијата, појасни, нема да биде задолжително за постојниот наставнички кадар, туку на доброволна основа. Ако се лиценцира ќе добива 50 евра  повисока плата месечно и исто така ако сака да напредува во кариерата мора да биде лиценциран, наведе Адеми.

Според деканот на Педагошкиот факултет Владимир Тимовски, неопходно е јакнење на моќта на наставниците на што се укажува и во последните препораки од УНЕСКО. - Во градењето одржливи општества  основна заложба е наставниците и едукаторите да стекнат моќ, да се врши соодветен избор за оваа  професија, да бидат добро образовани, да се слуша нивниот глас и се повеќе и повеќе да се развива дебата за улогата на наставниците, наведе  Тимовски.

На свечената академија по повод Меѓународниот ден на учителот беа доделени признанија на дефектолозите Анета Стефановска и Соња Божиновска,  како и на педагогот Жаклина Ристовска  и професорите Весна Настовска, Мухамед Зекири, Ленче Китановска и Слаѓана Стаменкова.

Меѓународниот ден на учителите е прогласен во 1993 година од страна на УНЕСКО.