Бизнис
15. April 2018 - 14:46

АД ЕЛЕМ наредната недела ќе ја понуди на продажба заштедената енергија

Во првиот квартал од годинава АД Електрани на Македонија произвеле вкупно 1132,2 гигават-часови електрична енергија, од кои хидроелектраните произвеле 420,8 гигават-часови, термоелектраните 687,7, а Ветропаркот Богданци  23,8 гигавати, соопшти директорот на АД ЕЛЕМ Драган Миновски. Вишокот електрична енергија од максималното работење на хидроелектраните  ќе биде продаден.

- Произведувавме толку колку што имаше потреба за тарифните потрошувачи, а електричната енергија која ја заштедивме со домаќинско, одговорно и професионално работење, наредната недела ќе ја понудиме на продажба на слободниот пазар со што ќе оствариме профит за компанијата и за државата. Ова ќе биде прва продажба на електрична енергија од АД ЕЛЕМ по 2016 година, рече Миновски.

Посочи дека во координација со Центарот за управување со кризи го планирале внимателно преливот во акумулациите кои   поради силните врнежи и топењето на снегот на почетокот на пролетта брзо и обилно се наполнија. Сомаксимални напори, рече, го одржувале балансот и на Охридското Езеро и по течението на Дрим и во акумулациите на ЕЛЕМ, со цел да не се нанесе штета на околните населени места.

- Штетата на угостителските објекти во Охрид е од непогодата што го погоди охридскиот регион, од силината на ветерот кој во одредени моменти дуваше и со 100 километри на час и имаше бранови од 1,5 до два метра. Нивото на Охриското Езеро не направи никаква штета на околните угостителски објекти. Сето тоа беше координирано заедно со Центарот за управување со кризи и се правевеме да не нанесеме штета ниту на граѓаните на Охрид и Струга, ниту на населените места по течението на Дрим, рече Миновски денеска на прес-конференција.