Кошарка
11. February 2016 - 14:00

АБА: Тренерот Јончевски еден натпревар на „ладење“

Македонскиот претставник во регионалната кошаркарска лига МЗТ Скопје в петок на гостувањето кај Задар нема да биде предводен од тренерот Александар Јончевски кој заработи еден натпревар суспензија за наводно непримерно однесување на дуелот со Будуќност.
 
- Тренерот на МЗТ Скопје, Александар Јончевски е казнет од страна на АБА лигата со еден натпревар неводење на екипата, по претходна пријава од судиите по завршување на средбата МЗТ Скопје-Будуќност, заради непримерно однесување кон официјалните лица.
Казната се однесува на утрешниот натпревар Задар-МЗТ Скопје, а екипата на оваа средба ќе ја води првиот помошник Горан Крстевски, соопшти македонскиот шампион преку официјалниот Фејсбук профил.
 
Јончевски на прес-конференцијата по поразот од црногорскиот шампион во понеделникот во Скопје изрази зачуденост од тоа што делегатот го повикал да потпише некаква изјава.
 
МЗТ загуби од лидерот Будуќност 68:72 во драматична завршница кога судиите неколкупати не досудија очигледни прекршоци на гостинските кошаркари.