Кошарка
9. October 2016 - 16:54

АБА: МЗТ Скопје со Синовец во тимот ја пречекува Цибона

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва во рамките на 4.коло на АБА лигата, на домашен терен против Цибона (која има две победи и еден пораз), ќе се обидат да стават крај на серијата од три порази и конечно да го забележат првиот триумф сезонава во АБА-лигата.
На „металците“ воопшто нема да им биде лесно бидејќи против себе имаат квалитетен противник, а тука се и проблемите со повредите на Ѓорѓе Дреновац (бутниот мускул) и на Јуре Лалиќ (носот). Но, без разлика на тоа, сите во таборот на МЗТ Скопје Аеродром се решени да го дадат максимумот и да покажат дека го знаат патот кон излезот од кризата. Во тимот на МЗТ Скопје најавен е и повратникот во тимот Стефан Синовец.
-      Се надевам дека против Цибона ќе наговести подобра иднина за нашата екипа. Верувам дека ќе одиграме многу поангажирано и поборбено, бидејќи тоа е начинот за да се оствари добар резултат. Секој играч што ќе се појави на паркетот ќе мора да го остави последниот атом енергија и да даде се од себе за МЗТ Скопје. Само така ќе може да се надеваме на победа против гостинот од Загреб“, вели тренерот Емил Рајковиќ.
Ова ќе биде деветти меѓусебен дуел на овие два тима во АБА-лигата, а досегашниот меѓусебен скор е 4-4. На средбите во Скопје, аеродромци имаат далеку подобар успех и тоа три победи во четирите досега одиграни меча.