Македонија
12. October 2016 - 15:21

ААВМУ бара од Министерството за финансии да префрли средства на изборната сметка

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) денеска доставила допис до Министерството за финансии поради, како соопштува, неизвршена обврска согласно член 76-Г од Изборниот законик.  Согласно тој член, укажува во соопштение Агенцијата, Министерството за финансии е должно да префрли финансиски средства на сметка на Агенцијата.

Средствата што треба да бидат префрлени на изборната сметка на Агенцијата, се посочува во соопштението, се наменети исклучиво за финансирање на активностите на Агенцијата за време на изборниот процес.

- Бидејќи согласно последните измени на Изборниот законик Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги има активности сто дена пред одржувањето на предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 11 декември 2016 година, неисполнувањето на обврските од страна на Министерството за финанисии претставува прекршување на договорот потпишан помеѓу четирите политички партии на кои гаранти беа Амбасадата на САД и Делегацијата на ЕУ во РМ. На овој начин директно се загрозува функционирањето на Агенцијата, соопштува ААВМУ и додава дека за активностите ги известила и четирите политички партии потписнички на договорот, Амбасадата на САД и Делегацијата на ЕУ во Македонија.