Македонија
19. August 2017 - 17:02

9 лица се уште се задржани на болничко лекување по труењето од сендвичи во ,,Седмица‘‘

Четворица нови пациенти со знаци на труење од сендвичарницата „Седмица“ во Карпош денеска се јавиле на преглед во скопските клиники. Од нив три биле со полесни знаци на труење и се пуштени дома, но едно лице било задржано на лекување во Клиниката за инфективни болести, информираат од министерствотот за здравство.

Со тоа вкупната бројка на затруени од сендвичарницата се искачи на 16, а од нив десетмина се хоспитализирани. Деветте пациенти кои вчера попладне биле хоспитализани во болницата ќе останат таму целиот викенд. Тие се во стабилна состојба, но се уште се под опсервација на лекарите. Се уште траат и анализите на земените примероци од сендвичарницата „Седмица“ во Карпош каде што вчера претпладне јаделе сите затруени.

Подобра здравствена состојба имале  пациентите кои се обратиле во Градската болница „8 Септември“. Тие се пратени на лекување дома.

Синоќа министерството за здравство соопшти дека во скопските болници биле хоспитализирале повеќе лица со исти знаци на труење: висока температура од 39-40 степени, повраќање, проливи, гадење, стомачни тегоби. По проверките биле констатирано дека сите јаделе сендичи со плескавици и пилешко месо во иста сендвичарница „Седмица“ на булеварот Партизански одреди. По ова, Државниот санитарен и здравствен инспекторат испратил екипа за надзор во објектот заедно со епидемиолог и техничар и инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од увидот во сендвичарницата било утврдено дека општата санитарно-хигиенска состојба во објектот е добра и дека во него не се врши подготовка на храна туку се спрема во централна работилница. Сепак, како што информираа од министерството, биле земени примероци од раце на вработената која изворно ги подготвувала плескавиците, но и од вработените на пултовите кои ги продаваат сендвичите, како и мостри од храната.

Инспекторите донеле решение за затворање на сендвичарницата и наложиле превентивно да се изврши вонредно темелно чистење и дезинфекција и на сендвичарницата и работилницата.