Македонија
9. April 2019 - 16:16

83-ца лекари од Македонија само во првите 3 месеци од годинава побарале потврди да работат во странство

Наместо во земјата, младите доктори успеваат во странство. 32 годишниот Борче Николовски од Демир Капија, со години работи како кардиолог во бугарска болница и преку интернет гласање од пациенти е избран меѓу петте најдобри лекари. Тој е само еден од илјадниците здравствени работници кои иднината ја побараа надвор од границите на Македонија.

Одделот за дијагностика на кардиоваскуларните болести го основал со уште еден свој колега сонародник, а вели дека има огромен број на македонски лекари кои работат и се успешни во Бугарија. Но, дали искуството ќе го пренесе и во родната земја?

-Ние сме огромен број на Македонци во Бугарија, дел се и на клучни позии, повеќето сме млади специјалисти кои работат успешно. Но никогаш не е исклучена можноста младиот кадар да се врати во сопствените земји доколку има подобро усогласување на европските рамки, вели др. Борче Николовски, кардиолог

Николовски завршил медицински факултет во Варна и затоа кариерата ја продолжил во Бугарија. На младите колеги од Македонија им порачува да бараат нивно рамноправно вклучување во здравствениот систем за да не размислуваат за напуштање на земјата.

-Прво знаење и можности и тоа рамноправни можности за реализација, кои сега младите специјализанти ги немаат, вели Николовски.

Дека младиот медицински кадар сеуште спасот го гледаат во странство покажуваат и бројките од Лекарска Комора. Годинава дури 83ца лекари побарале потврди од Комората за напуштање на земјата, за  разлика од тромесечјето во 2018 кога имале 69 барања. ОД ЛКМ се надеваат дека мерката што ја најавуваат  здравствените со вклучување на сите млади лекари кои ќе добијат лиценца во здравствените домови, ќе ја намали црната статистика на одлив на кадар.

-Се надевам дека ќе ги задржи бидејќи тоа не е само пракса, туку платена пракса. Ќе имаат стаж и искуство што им е неопходно и тоа платено, а кој знае може и ќе сакаат да останат да работат таму, вели др. Калина Старделова Гривчева претседател на ЛКМ.   

Инаку според статистиката од Комората, од 2010 до 2018 земјата ја напуштиле 1200 лекари.