Македонија
22. October 2020 - 21:28

81 слободен кревет во болниците во државата за Ковид пациенти во моментов – дали следи карантин и полициски час?

Ни се заканува ли полициски час поради алармантниот и рекорден број на хоспитализирани пациенти во инфективните одделенија. Дури 538 лица во моментот, поради комликации од Ковид 19 се на болничко лекување низ здравствените установи  во државата. Од вчера до денеска бројот на заразени примени во болница е зголемен за 51 а податоците од Министерството за здравство покажува дека во актуелните болнички капацитети има слободни уште 81 кревет. Во оваа бројка не е вметната модуларната болница која веќе се полни како и детската болница во Козле која засега е наменета за деца и мајки позитивни и сомнителни на вирусот. Кумановската, прилепската, струмичката, кочанската, штипската и охридската болница веќе ги преполнија предвидените стационарни места за ковид пациенти. На истокот од државата веќе нема каде да ги примаат тешко болните, додека, пак, по дваесетина слободни легла има во струшката и тетовската болница.

Во Струмица и Штип пренаменија и други болнички одделенија за ковид пациенти, а согласно растечкиот тренд на заразени со тешка клиничка слика, дознаваме дека не е исклучена можноста во некои од регионите повторно да биде укинат Мој Термин и здравствените работници да бидат фокусирани само на третманот на болни од корона.

Освен немањето на просторни можности, дел од здравствнеите установи во внатрешноста немаат и доволно медицински кадар. За тоа веќе алармираше менаџментот од струмичката болница, а во Битола има само еден инфектолог и еден интернист.

Исполнетоста на болничките капацитети за здравствените власти е главен показател за димензионирање на мерките и следен чекор според најавите на Филипче е ограничување на движењето.

Од друга страна, лекарите од Инфективна веќе алармираа и апелираа до граѓаните да не бараат сместување по секоја цена туку оние со лесни симптоми да седат дома за да има простор за тешко болните.