Бизнис
23. April 2021 - 16:47

80,000 работници пријавиле кршење на правата од почетокот на кризата

Преку 80 000 претставки  поднеле граѓаните до ССМ за прекршени работнички права откако почна пандемијата. Најголем дел од нив се за неисплатена  плата и додатоци на плата, отпуштања , трансформација на договори од неопределено на определено време и исплатен износ  под минималецот. Од Синдикатот велат дека со нивна помош најголем дел од случаите се решени. Но има и такви за кои се чекаат судски разрешници.

- Некои не послушаа, поведовме дури  и судски постапки а за останатите се обративме до Државниот инспекторат за труд. Се постапува, редовно не известуваат, добиваме каде се врачени решенија и каде се исплатени глоби. Најголем дел од работниците со тие решенија се вратени на работа, онаму каде што не се вратени ССМ им овозможува бесплатна правна помош, т.е ги застапува пред судовите за да докажат дека им се нарушени тие работнички права,  вели Дарко Димовски  претседателот на ССМ.

Од инспекторатот велат дека во најголем дел од случаите работодавачите ги почитуваат насоките од инспекторите. Но сепак од почетокот на годината поведени се 48 прекршочни и една кривична пријава.

За граѓаните е достапна и мобилна апликација преку која анонимно ќе можат да пријават за себе или за некој друг прекршено работничко право. Пријавите веднаш ќе бидат проследени до трудовиот инспекторат.