Македонија
8. September 2016 - 18:28

8 Септември е нашиот трет Илинден - честитка премиерот Емил Димитриев

- Пред точно 25 години, силно верувајќи во вековната идеја за независност и самостојност, водени од илинденската и асномската идеја и аманетот на нашите предци за труд, постојанство и одлучност во промоцијата и заштитата на националните интереси, македонските граѓани ја донесоа одлуката за слободна, независна и суверена Република Македонија. Одлука која значеше остварување на вековниот сон на нашите предци и триумф на нашата вековна борба. Токму затоа 8 Септември е нашиот трет Илинден, вели во честитката Димитриев.

Достоинствено чекорејќи по патот на независноста, Република Македонија изминативе 25 години, како што посочува, се соочуваше со бројни предизвици како на домашен така и на меѓународен план.

- Живеејќи во период кога Република Македонија е исправена пред нов предизвик за конечна разрешница на политичката криза која подолг период е присутна во нашата држава, силно верувам, дека граѓаните на Република Македонија, кои од 8 Септември 1991 година се свои на своето, на претстојните избори уште еднаш ќе ја покажат на дело својата мудрост и одлучност, и дека како многупати досега, Република Македонија и од оваа криза ќе излезе посилна и ќе продолжи да чекори по трасираниот пат за развој и просперитет.

 - По патот кој значи реформи и проекти за подобар живот, борба за економски раст и развој, битка за нови работни места и посветеност за целосна интеграција на нашата држава во НАТО и Европската Унија, посочува во честитката премиерот Димитриев.