Македонија
13. јуни 2020 - 16:43

8 починати, 196 новозаразени, 11 оздравени за 24 часа

Рекорден број на новозаразени и починати од Ковид-19 изминатото деноноќие во Македонија. Од направени 1213 теста, 16 проценти односно кај 196 лица бил откриен вирусот. Најмногу 90 се од Скопје, Тетово -45, Куманово-17...

 Осум лица починаа. Најмладата пациентка е на 31-годишна возраст од Гостивар, а највозрасниот е Охриганец на 81 година.

Досега се регистрирани 179 смртни случаи, оздравеле 1705 лица, а во моментот вирусот е присутен кај 2011 лица. Повеќе од половина активни случаи се во главниот град.

Меѓу новоинфицираните е и градоначалникот на Гази Баба соопштија од општината.

-Градоначалникот Борис Георгиевски во моментов е на Инфективната клиника во стабилна состојба, а неговото семејство е во домашна самоизолација, без никакви симптоми поврзани со коронавирусот.

Вирусот е потврден кај уште една вработена во општината.

Додека се чека разрешница за случајот со родилката од Скопје која дипломирала медицина , а пред да се породи била во 2 гинеколошки болници и не пријавила дека во семејството имала суспектен случај, министерот за здравство изјави дека поради тоа 2 сестри од ГАК се во изолација.

-Родилката која беше во Гинеколшко-акушерската клиника, потоа во болницата „Ремедика“, понатаму примена на Инфективната клиника во Скопје и на свое барање согласно состојбата која што тоа го дозволила во лесна состојба таа заминала на домашно лекување. На ГАК 16 медицински сестри се во изолација, но не од овој случај. Од нив поголем дел поминуваат 14 денови и ќе се вратат на работа и клиниката функционира добро и работата не е компромитирана, рече министерот за здравство, Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање за овој случај.

И не само новорегистрирани се зголемува и бројот на пациенти со Ковид-19 кои имаат потреба од болнички третман. Во моментот во државата хоспитализирани се 261 лице, а само вчера на Инфективна и во ГОБ 8 септември примени се 28 пациенти.