Македонија
2. јуни 2020 - 19:32

76 нови случаи во изминатото деноноќие, 5279 прекршоци до сега за не носење на заштитна маска

И натаму бројот на заболени е голем, 76 новозаразени и еден починат од КОВИД-19 има во изминатото деноноќие. Ова е статистиката од последните 885 тестови од кои речиси половината се направени во Скопје. Во Чаир каде има најмногу заразени, позитивен на тестот е и градоначалникот Висар Ганиу. Покрај нови случаи се појавуваат и нови кластери. Ново жариште има и во Тетово но и на Јужната граница, меѓу граничните полицајци.

Локален карантин, враќање на полициски час се опции доколку бројот на заболени продолжи да расте. Надлежните ќе ја следат состојбата се до четврток, пред продолжениот викенд,  кога комисијата треба да донесе заклучок дали се враќаат рестриктивните мерки. Во меѓувреме продолжуваат скрининзите во градинките и старечките домови. Позитивни на вирусот се две штитенички и тројца вработени во приватен дом кој има објекти во Чаир и Кадино. 

Од крајот на април, граѓаните се  должни да носат заштитни маски доколку се наоѓаат во затворен простор или на места каде има поголема група луѓе. Според статистиката на МВР до сега се изречени  вкупно 5279 казни .Најнесовесни се во Тетово каде се казнети 1264 граѓани, потоа во Охрид 984 и Скопје 713. Најмал број казни има во Битола. Слични се бројките и на дневна основа, во изминатово деноноќие повторно прв на листата е  Тетово. Заедно со ДПИ полицијата извршиле 2184 контроли.

Доколку се почитуваат повеќе протоколите, првиот човек на пазарен инспекторат смета дека наскоро ќе може слободно да се седи во рестораните и кафулињата, во меѓувреме предлагаат олеснување на условите за работа.