Македонија
10. May 2017 - 20:06

73 ден протести на иницијативата „За заедничка Македонија“

 Поддржувачи на граѓанската иницијатива „За Заедничка Македонија“ вечерва на 73. протестен марш низ центарот на Скопје повторно побараа отфрлање на т.н тиранска платформа и порачаа дека нема да запират нивните активности за одбрана на унитарноста на државата.

Повторија дека за нив со изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието е направено прекршување на Уставот, законите и собранискиот деловник. Тоа сметаат треба да биде осудено од сите, исто како и пеењето на албанската химна во законодавниот дом како најголема провокација за Македонците.

Богдан Илиевски од граѓанската иницијатива во обраќањето побара претседателот Ѓорге Иванов да му ги врати писмата Џафери бидејќи  се нелегитимни исто како и изборот за претседател на Собранието.

- Не станувајте дел од проблемот почитуван претседателе Иванов, рече Илиевски, апелирајќи Иванов  да не заборави дека изборот е направен со кршење на сите можни процедури и Уставот.

Илиевски се осврна на денешното писмо од Кабинетот на Иванов дека очекувал Заев да го исполни јавно кажаниот збор оти со тиранската коалиција ќе била загарантирана унитарноста на државата.  Мене особено ми се допадна, рече Илиевски, оној дел од претседателот кој што вика гаранциите ќе се зајакнување на државата, а веќе имаме доказ дека тиранската коалиција ја зајакнува унитарноста во државата, прво го прекршеа Уставот, па пробаа да го изберат Талат Џафери за претседател на Собранието и со тоа направија државен удар.

- Потоа тие ја зајакнаа унитарноста со албанските знаменца во канцеларијата на Талат Џафери, па со книгата во која се опишуваат идеите за голема Албанија а таа книга беше прва на бирото на Талат Џафери, наведе Илиевски, обраќајќи и  се на поддржувачите на иницијативата  пред Собранието.

Потенцираше дека ќе се борат за соживот  во Македонија, кој, како што рече, е можен само ако се вклучат сите и ако сите размислуваат едни за други.

- Затоа се викаме За заедничка Македонија, нема да се откажеме од нашата борба и правда во Македонија, рече Илиевски.

Членот на ГА Борис Дамовски најави комлексна тужба и обраќање и до меѓународните судови ако домашните не одговарат. 

 - Една имавме во Хаг, ја добивме. Радоста и надежта нека нè сплотат. Секој од нас, десетици илјади ќе се потпишат на таа тужба затоа што секој од нас е оштетен од оваа ситуација. Душевната болка, на која сакаат да се повикуваат, е огромна посебно кога станува збор за душата на еден народ. Овие понижувања, местенки, прекршувања на правото нема да поминат, истакна Дамовски.

Од Граѓанската иницијатива  најавија дека ќе продолжат со протестните маршеви и во следниот период.