Македонија
25. August 2019 - 16:45

70 жртви на патиштата низ Македонија за шест месеци

70 лица загинале во сообраќајки во првите шест месеци годинава. Во оваа црна статистика се вклучени и 16-те починати во кобната несреќа со автобусот на “Дурмо турс” во февруари кај Ласкарци.

Податоците од министерството за внатрешни работи покажуваат дека во однос на лани има зголемување на бројот на жртви во сообраќајки.

Во цела 2018 животот го загубиле 118 граѓани. Најчести причини за сообраќајните незгоди според извештаите на полицијата се брзото возење, алкохолот како и непочитување на правилата. Од МВР велат дека ќе продолжат со превентивните кампањи, но и засилените контроли.

-Минатиот викенд казнтети се 102 возачи само во Скопје. Максимално одиме со репресивни мерки не за да го полнеме буџетот како што пишуваат некои медиуми туку да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот. Работиме и на превенција. За нас секоја бројка ќе биде висока се додека не стигнеме до нула, изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

Не само жртви, во сообраќајни несреќи во 2018 близу 6000 лица биле повредени. Од Ургентниот Центар велат дека од година во година имаат зголемување на бројот на пациенти од сообраќајки. Најмногу работа имале летниот период. Дневно со најразлични повреди на Клинички завршуваат по десетина лица.

-Тоа дополнително го отежнува функционирањето на установата бидејќи е период на годишни одмори, изјави д-р Илир Хасани, директор на Клиниките ТОАРИЛУЦ.

И лекарите и полицијата апелираат на внимателност во сообраќајот, зошто и мало невнимание може да биде кобно.