Македонија
16. December 2015 - 21:17

70 годишен прилепчанец починал од изгореници здобиени од пожар во неговиот стан

Седумдесетгодишниот Ристо Нашулов е прилепчанецот кој синоќа е пронајден изгорен во сопствениот стан на улицата “Јоле Андоноски”, лоциран во центарот на Прилеп. Пожарот бил забележан и пријавен од случаен минувач и истиот бил изгаснат за десетина минути. Покрај жртвата, за која, кога се пристапило кон гаснењето, не се знаело дека е внатре, причинета е и помала материјална штета која првично се проценува на околу 8.000 денари, велат од ТППЕ.
 
Од Службата за Итна помош информираат дека во моментот кога тие пристигнале во станот, само ја констатирале смртта, а телото, кое било јагленосано, по налог на истражен судија предадено е на обдукција.
 
Инаку, според соседите, кои не сакаа да зборуваат во камера, пензионерот Нашулов живеел со сопругата и синот, со кои наводно не бил во најдобри односи. Тие во моментот на  пожарот не биле дома. Истрагата која е во тек, треба да ги открие причините и околностите под кои и како настрадал прилепчанецот.