Македонија
26. March 2019 - 16:31

67 здравствени работници заразени со морбили од почетокот на годинава на работното место

Годинава 67 здравствени работници биле заразени со морбили. Од почетокот на епидемијата досега најмногу случаи 50 се регистрирани во Скопје, по 6 има во Куманово и Тетово, 2 во Кочани, и по еден во Гостивар, Кичево и Струга.

Од Институтот за јавно здравје велат дека не станува збор само за лекари, туку и за сестри и друг медицински персонал. Иако повеќето биле вакцинирани, сепак се заразиле поради директниот контакт со заболени од мали сипаници.

- Има и здравствени работници, заразени од морбили што и се очекуваше, изјави д-р Јованка Сурлакова – Коровешовска епидемиолог во Центарот за јавно здравје – Охрид.

Поради зголемениот број на случаи и во Струга е прогласена епидемија на морбили. Во овој град за неполн месец има 24 заболени лица.

-На заболените им се прегледува вакциналниот статус, но и статусот на неговите контакти, кои доколку не се вакцинирани се вакцинираат и на тој начин се заштитуваат. Најважно е секој болен да биде изолиран и на тој начин спречуваме да не се шири заразата, посочи Сурлакова – Коровеповска.

Претходно освен во Скопје епидемија беше прогласена и во Куманово, Тетово и Гевгелија. Досега во земјава официјално во ИЈЗ пријавени се над 660 случаи со мали сипаници, а 3 лица починаа.