Македонија
18. October 2019 - 23:29

6 жртви и 63 потенцијални жртви на трговија со луѓе од почетокот на годинава

Годинава идентификувани се 3 жртви и 63 потенцијални жртви на трговијата со луѓе, информираат од Министерството за труд и социјална политика. При тоа, најголемиот дел од нив се малолетни лица. На одбележувањето на европскиот ден за борба против трговијата со луѓе, надлежните велат дека таа борба започнува со превенција, а тие работат на информирање на ранливата популација за опасностите што ги носи трговијата со луѓе, но и за тоа како и каде може да се побара помош и да се пријави експлоатација.

“Во земјава доминантна форма на експлоатација и сексуалната експлоатација и повеќето од идентификуваните жртви на трговија со луѓе се малолетници, кои што биле тргувани со цел сексуална експлоатација. Додека во регионот, се подоминантна форма на експлоатација е трудовата и се повеќе мажи и момчиња стануваат жртви на трговија со луѓе”, изјави Соња Божиновска Петрушевска од Меѓународната организација за миграции.

Зголемување на стандардот на граѓаните, унапредување на родовата еднаквост и подигнување на степенот на социјална правда и социјална заштита, се едни од механизмите за борба против трговијата со луѓе.

“Навременото откривање на можноста некое лице, особено дете, да биде вовлечено во трговијата со луѓе, е основата за правовремена интервенција со цел да се спречи експлоатацијата и да му биде обезбедена соодветна помош и поддршка на тоа лице”, изјави Јована Тренчевска, државен секретар при Министерството за труд и социјална политика.

Анализите покажуваат дека трговијата со луѓе е еден од најпрофитабилните бизниси, што претставува најтежок облик на кршење на човековите права и слободи.