Македонија
15. September 2019 - 16:45

57-годишен македонски алпинист од Скопје загина на Олимп

Трагедија на Олимп. Највисоката грчка планина кобна за планинар од Македонија. Тој бил во група од девет лица од нашата земја кои го искачувале Олимп.

Неофицијално, 57-годишниот М.Г, кој бил член на планинарското друштво Шкупи од Скопје добил срцев удар, по што паднал во провалија, но  точните причини за смртта ќе ги утврди обдукцијата.

Трагичната вест ја потврдија и од македонското Министерство за надворешни работи. Оттаму ни рекоа дека го чекаат официјалниот извештај од грчката полиција, по што ќе имаат повеќе детали околу околностите во кои загинал планинарот.

Телото од провалијата го извлекле планинарите кои биле заедно со него. На самото место пристигнала спасувачка единица и екипа од противпожарната служба од Литохоро. Тие учествувале во пренесувањето на телото од местото на несреќата, оддалечено 100 метри од планинарски дом.

„Противпожарната единица мобилизираше 14 пожарникари кои интервенираа во пренесување на лице во бессознание до планинарскиот дом “Спилиос Агапитос” на планината Олимп“, потврди грчката противпожарна служба.

Надморската височина од две илјади и 100 метри, каде што се случила несреќата не е преголема да предизвика промени во човечкото тело. Тоа посебно важи за искусните планинари, кои имаат и редовни прегледи организирани од своите клубови, вели претседателот на Федерацијата на планинарите.

Вчерашната трагедија со македонскиот планинар е втора која се случила во ист ден на Олимп. Спасувачка операција била во тек во саботата наутро, кога 17-годишно момче било потешко повредено откако паднало во теснец при искачувањето.