Македонија
10. May 2021 - 14:52

563 лица без возачка дозвола казнети во Тетово

Тетовската полиција во рок од три месеци казнила дури 563 лица за возење без положен испит за возачка дозвола или без валидна дозвола. Според податоците на портпаролот на СВР-Тетово, Марјан Јосифоски, се работи за лица на возраст од 17 до 35 години, кои најчесто управувале патнички моторни возила и мотоцикли, а во некои случаи и товарни возила.

„Секторот за внатрешни работи Тетово повторно со апел, посебно до младите, да не седнуваат зад волан без претходно да го положат возачкиот испит, зашто ја доведуваат во прашање, пред сѐ, сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Но, и ќе се соочат со поднесоци и глоба која за овој вид прекршок, согласно член 225 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, изнесува 250 евра во денарска противвредност. Исто толку изнесува паричната глоба и за сопствениците кои ќе им ги дадат на управување своите возила (патнички, мотоцикли и други) на лица кои немаат возачка дозвола“, изјави Јосифоски.

Во рамки на вчерашната акција за контрола на мотоциклисти од 10 до 15 часот, на поширокото тетовско подрачје биле откриени 26 прекршоци, а кои биле заокружени со 46 мерки. Поради овие и други видови констатирани недостатоци, од сообраќај се исклучени 18 мотоцикли. При контролата откриени и санкционирани се и 11 други видови прекршоци.