Македонија
30. November 2022 - 16:35

52 години затвор за убиството на ракометарот Денис Тот

Високи затворски казни и обврска да платат милионски суми отшета добија тројцата обвинети за убиството на хрватскиот ракометар, Денис Тот. Анџело Ѓорѓиевски и Клементина Лефковска се осудени на по 18 години затвор, додека Андреј Костовски заработи 16 годишна затворска казна. Сите тројца на семејството на починатиот ракометар ќе треба да му платат и по околу половина милион евра во следните шест месеци. Обвинетите бурно реагираа откако ја слушнаа пресудата.

Реагираше и Клементина - Ова не е убиство! рече таа во судницата откако ја слушна пресудата, па побара да ја однесат во тоалет бидејќи и се повраќа.

„Пред Господ сум чист, не сум убил никого. Совеста ми е чиста. Тоа е заради јавност, знаеме под какви околности, Не се секирај мама, се е во ред“, изјави Андреј откако ја слушна пресудата.

Родителите со лелек, солзи и неверување ја дочекаа пресудата. Која е оваа правда? Млади деца се!, Ова не е убиство!, беа дел од коментарите на роднините.

Иако бараа притворот да им биде заменет со поблага мерка, обвинетите, правосилноста на пресудата ќе ја чекаат во притвор.

За судот неспорно е дека тројцата заеднички го згаснале животот на 27 годишниот Тот. Изјавите на сведоците и видео снимките откриле дека Анџело, Клементина и Андреј со боксови и клоци по главата го усмртиле хрватскиот ракометар.

Обвинителството е задоволно од пресудата, велат казните се во рамки на законски предвидените.

За одбраната пак, неприфатливи се казните. Ги сметаат за драконски, бидејќи како што тврдат адвокатите, сите тројца по инцидентот се обиделе да го освестат Тот. Ќе се жалат на пресудата бидејќи сметаат дека не станувало збор за убиство со умисла.

Во април годинавата се случи инцидентот во кој настрада хрватскиот ракометар. Пред диско во скопскиот градски парк околу 3 часот наутро откако се обидел да влезе во такси заедно со Анџело, Клеменетина и Андреј, сите тројца го извадиле од возилото и почнале да го тепаат. Од ударите заработил нагмечување на мозокот и паднал во кома, а по неколку часа починал во болница.