Македонија
14. September 2021 - 19:56

50 позитивни ученици биле пријавени вчера потврди МОН, Народниот правобранител отвори предмет за наставата

Само вчера регистрирани се околу 50 заразени ученици. Министерството за образование се уште не дава конкретни бројки на заразени, но според министерката Царовска вчерашниот процент на новозаразени бил 0,02. Од почетокот на учебната година досега се заразиле 0,2 отсто од учениците, или според пресметките, околу 500 ученици.

Царовска засега не открива колку ученици се во изолација и колку точно паралелки наместо во училница учат од дома поради случаи на заразени деца и наставници. Овие податоци Сител се обидува да ги добие уште од минатата недела, но МОН се уште не ги соопштува.

-Она кое што е важно е дека Министерството за образование не издава решенија за изолација. Токму затоа јас како министер за образование не можам да комуницирам бројки на изолирани. Можам да кажам дека во основно образование процентот на онлајн учење е 2% од различни причини, медицински и немедицински, додека во средно образование, зашто знаете дека четири општини одеа со онлајн учење во првата недела, сега и втората недела во Тетово и Гостивар. Токму затоа имаме 7 отсто во средно образование, вели Царовска.

Тетово и Гостивар до понеделник, 20-ти септември ќе продолжат со онлајн учење. Според инромации на Сител, ваква одлука донела Владата поради влошената епидемиолошка состојба во овие два града.

Во меѓувреме, Канцеларијата на Народниот правобранител до МОН испрати допис со сите поплаки кои до нив пристигнале од родители и ученици за реализацијата на наставата. Долгите часови поминати со маска во училница на децата им преставува проблем, а во одредени училишта родителите се принудени самите да купуваат средства за хигиена во тоалетите.

-Се жалат на главоболки, замор, губење на концентрација за следење на часовите. Дел од родителите укажуваат на тоа дека забележуваат осипи во пределот на лицето кадешто децата носат маски. Физичкото присуство претставува особен проблем, како што кажав и претходно, повеќе деца се во училница, мора да носат маски. Тие што се онлајн се жалат неможност да ја симнат апликацијата, вели заменичката на Народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа.

За надминување на предизвиците во образованието, Народниот правобранител смета дека е неопходна координација и заеничка работа на МОН и општините. Освен тоа, неопходно е и родителите да бидат вклучени бидејќи тие најубаво знаат што им се случува на сопствените деца.