Македонија
22. October 2018 - 16:30

50% од работоспособните жени во земјава не учествуваат во пазарот на трудот

Наместо да работат, дури 50 проценти од жените во Македонија се надвор од пазарот на трудот. Немаат соодветен пристап до градинки, здравствени установи а мал број се вклучени и во политичкиот живот. Со изработка на индексот за родова еднаквост, од министерството за труд и социјала велат дека имаат јасна слика за мерките кои треба да ги превземат. Една од нив е и зголемување на бројот на детски градинки

Во општините каде нема детски градинки постои голема родова нееднаквост па мајките наместо на работа дома чуваат деца. Во тие места на пазарот на трудот се четири жени на десет мажи кои работат, за разлика од градовите каде поради достапноста на детските установи односот на вработени жени и мажи е седум спрема десет. Според податоците на индексот за родова еднаквост во општините, Центар и Вевчани се на врвот по достапност на градинки а на дното на листата се Пласница, Арачиново и Студеничани.

-Затоа ќе продолжиме со отворање на градинки во рурални општини и онаму каде досега немало. Она што е исто така важно, со реформата за социална заштита се предвидува развој на социјални услуги, грижа за лица со попреченост и грижа за старите лица кои доминанто традиционално припаѓаат на жените во семејството и тие не излегуваат на пазар на труд, изјави Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика

Министерката Царовска вели дека според податоците околу 50 проценти од жените во земјата се надвор од пазарот на трудот, а негативен ефект во унапредување на родовата еднаквост имала и кампањата за трето дете. За изработка на индексот биле опфатени сите сфери на живеење.

-Иако постојат општини каде има одлични програми и се издвојуваат буџетски средства за унапредување на положбата на жените во општините, сепак тоа се повеќе исклучоци отколку правила. Разликите помеѓу мажите и жените остануваат на многу високо ниво во економијата, политичкото дејствување, вели Марија Башевска, претседателка на Реактор Истражувањ ево акција.

Од реактор очекуваат општините да ги користат овие подаоци, да ги унапредат политиките и да овозможат вклучување на што повеќе жени на пазарот на трудот.