Спорт плус
29. September 2017 - 14:10

50 години традиционално карате


Викендов што следува се одбележува јубилеј по повод 50 години традиционално карате во Македонија. По тој повод се одржа прес-конференција во просториите на Агенцијата за млади и спорт (АМС).

„АМС во соработка со Македонската традиционална карате федерација одбележуваат јубилеј низ повеќе активности, семинари, предавања, свечени промоции со цел мотивирање на младите луѓе кон спортот и традиционалното карате воопшто. Во таа насока АМС ја поддржува и финансиски ќе ја помогне манифестацијата наречена ‘50 години традиционално карате во Македонија’”, истакна директорот на АМС, Дарко Каевски.

„Поддршката која Агенцијата за млади и спорт ја дава кон нашата федерација за оваа манифестација, но и за сите активности предвидени во календарот на натпревари на домашен и меѓународен план е од големо значење. Во таа насока сакам да изразам голема благодарност кон АМС и да ги поканам сите граѓани, спортисти и спортски работници на тренинг академијата со д-р Владимир и Илија Јорга во Будо карате центарот ‘Недеви’, в сабота и в недела од 11 до 13 часот, како и промоцијата на монографијата ‘Половина век исполнет со успеси’, закажана за сабота во 13.00 часот на Универзитетот за туризам и менаџмент“, посочи Дејан Недев.
Венцислав Недев укажа на важноста на јубилејот од два аспекта:

„50 години е долг период за одржување  континуитет. Во овој период се остварени врвни резултати достојни за претставување на Македонија на меѓународен план. Од таа причина ги поканувам сите љубители на традиционалното карате на свечената академија во Музејот на македонската револуционарна борба в недела во 19.00 часот“, истакна Венцислав Недев, кој на директорот на АМС му подари примерок од монографијата.