Македонија
15. April 2016 - 16:47

5-мина полицајци повредени во синоќешните насилни протести - Двајца насилници во домашен притвор

Двајца хулигани во домашен притвор осомничени за  демолирање на народната канцеларија на претседателот на  протестите.  Судот на 30 годишните скопјани кои и досега биле пријавувани кривично за дела проследени со насилство, им ја одреди мерката во траење од по 8 дена. Во нередите кои ги предизвикале групата демонстранти е целосно уништена народната канцеларија, влезот на министерството за правда и повредени се новинари и фоторепортер.   На осомничените им се товари демолирање, палење и изнесување на предмети од канцеларијата. Полицијата поднесе прекршочни пријави по уште 11 лица.

Во Скопје и вчера  поддржувачи на опозицијата повторно демолираа, палеа и удрија по  медиумите. Демонстрантите со камења и палки го нападнаа Радио Слободна Македонија и редакцијата на Република кои се наоѓаат  спроти Владата. Повредени новинари нема иако дел од вработените биле на своите работни места. Хулиганите целосно го искршиле влезниот дел на редакциите.  Стакла , камења и искршени предмети во просториите сведочат за дивеењето на поддржувачите на политиките на СДСМ. На весникот и радиото им е предизвикана голема материјална штета.  Во протестот вчера демонстрантите кои се обидуваа да стигнат до штабот на ВМРО ДПМНЕ повредија 5 полицајци. Остри осуди пристигнаа од Македонската асоцијација на новинари кои велат ваквите инциденти се напад врз слободата на изразување и медиумите.

- МАН апелира Министерството за внатрешни работи да ги најде виновниците за насилството во редакцијата на Радио Слободна Македонија, како и одговорните за сите досегашни инциденти врз новинари и воопшто медиуми

Оттаму бараат инцидентите да ги осудат и  претставниците на меѓународната заедница.  Реагираат и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за нападот врз Радио Слободна Македонија за време на вчерашните протести -Правото на протест е уставно загарантирано, но исто така, фундаментален предуслов за демократско општество е правото на слобода на прием и пренесување информации. Затоа уште еднаш апелираме да не се попречува работата на медиумите и медиумските професионалци.

Жестоко се спротиставуваат и од Социјалистичката партија на Македонија  на начинот на кој група граѓани организирани од опозицијата и т.н невладини протестира пред државните институции.

- Хулиганството, бесот и омразата кои се исполуваат се непримерни за демократско општество и тие не се одлика на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија.Особено сме згрозени од злоупотребата на младите луѓе од страна на опозицијата во дивеењето, уништувањето на државниот имот и од судирот со полицијата, кои се заштитници на граѓаните и чувари на редот и мирот во државата, токму во овој момент кога спокојството и внатрешната стабилност ни се непоходни.

На насилството и обидот да се предизвика украинско сценарио во Македонија преку хулигански демонстрации се спротиставија и над 20 илјади граѓани. Масовно и мирно својот револт и против аболицијата на Заев и Верушевски го изразија пред седиштето на СДСМ.