Македонија
14. October 2018 - 16:23

43 обиди за криумчарење на мигранти откриени од почетокот на годинава

Балканската мигрантска рута официјално одамна е затворена, но Македонија останува една од главните транзит рути преку кои мигрантите нелегално се обидуваат да стасаат до западно европските земји. Скоро секојдневно полициските билтени регистрират нови случаи за илегален премин на границата или  пак обиди за криумчарење мигранти. Еден од последните во низата беше пред неколку дена кога патрола на АРМ била принудена со пукање во воздух да спречи движење на група мигранти која нелегално ја поминала државната граница.  Дека има зголемување на ваквите обиди покажува и полициската статистика според која од почетокот на годината па заклучно со 23 септември биле откриени 43 случаи на криумчарење мигранти за разлика од лани кога во текот на целата година биле спречени 19 такви обиди.

Во текот на оваа година против 35 лица се преземени мерки на кривичен прогон кои се товарат дека сториле 28 дела криумчарење мигранти. Најголемиот дел од сторителите,  27 се македонски државјани, но има пријавено и странци  од кои пет бугари и тројца од Авганистан,  но со германски патни исправи.

Во текот на оваа година полицијата сузби и четиричлена организирана група која преку таканаречениот зелен појас од Република Грција прокриумчарила 23 - ца мигранти. Во овој случај при транспортот на мигрантите во сообраќајна несреќа 2 лица загинаа , а 12 беа тешко повредени.

Според структурата на мигрантите кои се обидуваат нелегално  да транзитираат низ македонска територија најголемиот дел или 65% се со потекло од Пакистан, по нив со 12, 7 % следуваат државјаните на Авганистан,  а во помал број ги има  и од Бангладеш, Ирак и Сирија.