Македонија
30. April 2020 - 12:04

40-ти ден докторка од Куманово позитивна на коронавирус

Гордана Николиќ, една од првите здравствени работници, која во кумановската болница се зарази од корона вирусот, веќе 40-ти ден е позитивна на Ковид-19.

Таа на фејсбук ја сподели својата лична борба со вирусот, но и со Фондот за здравство. Како лекар кој се заразил на работното место, таа плаќа партиципација за лекарските услуги, а згора на се добива и скратена плата.

-КОВИД 19 …40-ти ден. Зошто, се прашувам? Дали е тоа поради мојот имунолошки систем, дали поради тоа што мојот вистински роденден е 29-ти февруари (па секогаш сум во ретките луѓе), дали животот решил пак да ми ја тестира издржливоста и да види дали како феникс ќе се кренам пак на нозе?

Не знам. Но едно знам, во мојата епидемиолошка анкета немам пренесено вирус ниту на едно лице! Бев многу интуитивна и совесна, знаев дека се инфицирав дента од тој контакт со заболен(а) и не сакав други да настрадаат, на работа или околу мене, барав тест и до тогаш да не одам на работа. Мене ми е многу битно совеста да ми е чиста, да не разболам други луѓе. И мислев за совеста и другите така размислуваат. Не било така, некој во оваа наша државичка што донесува одлуки мисли дека јас дури и треба да бидам казнета.

Како спиете Вие од Фондот за здравство кога донесувате вакви одлуки во смисла дека ова не е мое заболување стекнато на работа, дека јас треба да плаќам партиципација за лекување во болница и за лабораторија, дека треба да ми ја скратите платата, а од ова заболување јас 2 месеци скоро ќе седам дома, нема и да дежурам, а дежурствата се голем додаток на нашата основна плата. А пневмонијата и стресот ми се гратис награда.

Како спиете кога кога донесувате одлука дека ова не ми е професионална болест и не треба да ми надоместите ? А гледам ми се одбива од платата за професионална болест. Како спиете Вие од Уставен суд кога мислите дека не треба да ја исправите и оваа неправда за здравствените работници. Според сите Вас треба да бидам казнета јас и сите ние што сме помагале на болен од кој сме се разболеле. Поради немоќта за неправдата која ја гледам, јас сум под континуиран стрес. Дали би сакале да сте на мое место?

Лекар, анестезиолог …колку тоа бедно звучи…но само во оваа држава, на која сум и лојална како србинка, во која уште татко ми ме запиша во училиште да учам на македонски јазик, затоа што тука живееме и ќе ја почитуваме државата.

Боли, многу боли неправдата. Дали некој од Вас што ги донесува овие одлуки и не се труди итно да ги промени, би можел да ме погледне во лице без да ја наведне главата. Совест, чесност и правдина се карактеристики кои треба да ги имате Вие од највисоките кругови кои донесувате одлуки. Не, не е ова полтички статус, бидејќи јас не припаѓам на ниту една партија. Јас сум здравствен работник и не е важно дали сум лекар, сестра, болничар, јас настрадав на работното место и си га сакам моите права. И не само јас, како мене има ушто многу кои вака се чувствуваат.

А да…и повторно ќе бидам феникс, ќе застанам јас на нозе кои можеби ќе ме одведат надвор од оваа држава, на која целиот живот сум лојална…за жал, напиша докторката Николиќ на фејсбук.