Македонија
6. December 2017 - 17:11

4-ца најсериозни кандидати за наследник на Груевски - официјално никој не поднел кандидатура

Четири имиња се профилираат како најголеми фаворити за можни наследници на Груевски на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ, иако на две недели пред стартот на Конгресот се уште нема ниту една официјална кандидатура.

Поранешните министри за надворешни работи, Никола Попоски и Антонио Милошоски, политичкиот аналитичар Александар Пандов и генералниот секретар Христијан Мицковски се споменуваат како најсериозни кандидати за најважната канцеларија во палатата Христо Татарчев.

Токму Мицкоски вчера беше првиот кој јавно објави дека постои можност да влезе во трката за нов партиски лидер.

Милошоски и Пандов не сакаат да ги коментираат шпекулациите но и двајцата за Сител не ја отфрлија можноста да влезат во претседателската трка. Станува збор за луѓе со квалитетно партиско педигре кои се добро прифатени во базата. Попоски пак денеска не беше достапен за коментар.

Согласно партискиот статут, оставката која лидерот Груевски ја поднел на последната седница на Извршниот комитет, треба да ја потврди и централниот. Партиски извори велат дека Груевски бил прилично јасен и дека има намера да си замине од партиското кормило, а неговата оставка во партиските тела била примена како неотповиклива. Во таков случај извесно е дека вонредниот партиски конгрес ќе треба да го даде и името кое ќе ја води најголемата македонска политичка партија по 23 декември. За тоа треба да решат 560те делегати кои преку тајно гласање ќе го изберат новиот лидер. Актуелниот Груевски вети транспарентна постапка

Оној кој ќе ја добие довербата на делегатите на Конгресот по Георгиевски и Груевски ќе биде третиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ во безмалку тридецениската партиска историја.