Македонија
10. February 2016 - 19:33

36,8% наспроти 15,7% од Македонците би гласале за ВМРО-ДПМНЕ наспроти СДСМ, анкета од Брима Галуп

Безмалку 37% од Македонците би гласале за ВМРО-ДПМНЕ доколку наредната недела би се одржале парламентарни избори наспроти 15,7% кои би гласале за СДСМ. Последната анкета на Брима покажува убедлива предност на ВМРО-ДПМНЕ во однос на опозициската партија. Според податоците за сите граѓани на Македонија рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ се искачи на 25,7% наспроти СДСМ во кого веруваат 13,4% од анкетираните. ДУИ има поддршка од 8,5%, ДПА 3,4% а 22,5% од граѓаните ќе гласаат за некоја друга партија.

Дури 56,6% од анкетираните Македонци сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на предвремените парламентарни избори, наспроти 12,4% кој очекуваат победа за СДСМ.

Скоро половина сметаат дека СДСМ се плаши од изборите, 16% страв гледаат кај ВМРО-ДПМНЕ а скоро 15% и кај двете политички партии.

Две третини од Македонците сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ генерално има поголема поддршка од граѓаните наспроти 13% кои поголема поддршка гледаат кај СДСМ.

Меѓу македонските граѓани нема дилема дека под лидерство на ВМРО-ДПМНЕ Македонија побрзо ќе се движи напред на економски план. Скоро 51% се изјасниле дека ВМРО-ДПМНЕ води подобра економска политика наспроти 201% кои му дале поддршка на СДСМ.

Речи си идентични се резултатите кога станува збор за лидерството на политички план. И тука разликата е 50,7 наспроти 21,3 во корист на ВМРО-ДПМНЕ.

53,6 од анкетираните Македонците сметаат дека доколку опозицијата ја преземе власта не би била подемократска од актуелната владејачка гарнитура наспроти 26,3 кои сметаат дека ќе покаже повеќе демократија. Во таа насока 55,2% од анкетираните сметаат дека политиката на опозицијата е деструктивна наспроти 28,6% кои во неа гледаат конструктивност. За разлика од опозицијата, половина од Македонците сметаат дека политиката на власта е конструктивна наспроти 34% кои во неа гледаат деструктивност.

Во поглед  на наклонетоста на меѓународниот фактор, една третина од Македонците сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ има подобра позиција наспроти 13,9% кои поголема наклонетост гледаат кон СДСМ.

Анкетата е спроведена од  угледната Брима Галуп  во периодот од 30 јануари до 4 февруари оваа година. Користен е репрезентативен примерок од 1006 испитаници, а во објавените прашања со исклучок на вкупниот рејтинг на партиите издвоен е само примерок на граѓани од македонската заедница поради тоа што за СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во најголем дел гласаат граѓани со македонско етничко потекло и на тој начин најреално се изразува меѓусебниот однос на нивните гласачи.