Македонија
9. August 2021 - 20:01

31 годишна пациентка почина во тетовската болница по компликации од Ковид-19

Двајцата починати во дневната ковид статистика се од Тетово. На одделението за инфективни болести починала 31 годишна пациентка со тешка пневмонија, а таму живот згаснал и за лице на 70 годишна возраст. Лекарите од тетовскиот ковид центар велат загрижува тоа што се зголемува бројот на болнички пациенти без хронични болести.

Лекарите од болницата во Тетово велат дека скоро сите хоспитализирани се на кислородна поддршка.

Зголемениот број на прегледи, за лекарите бил показател дека состојбата допрва ќе се влошува.

И лекарите, но и граѓаните признаваат дека свадбите најверојатно се причина за ширењето на коронавирусот во Тетово, а главна тема меѓу тетовчани денеска беше прославата која ја организрале младоженци кои од гостите сокриле дека имаат позитивни тестови.

За да се избегне преполнување на болницата со ковид пациенти, Министерството за здравство препорачало болните од Тетово да се препраќаат на Клиниката за инфективни болести во Скопје.