Македонија
2. April 2020 - 20:13

30 новозаразени со Ковид-19

Доктор од Психијатриската болница во Демир Хисар е меѓу 30-те новозаразени со Ковид-19. Тој е асимптоматски случај. Болницата ќе продолжи да работи, но нема да прима нови пациенти.

Вкупниот број на заразени во моментот изнесува 384 лица.

-Заедно со колегите психијатри од другите институции од Битола и од Прилеп до завршувањето на самоизолацијата тие ќе бидат прераспределени токму во оваа болница. По потреба ќе бидат вклучени и психијатрите од Охрид, Кичево, Гостивар и Тетово. Сите пациенти на коишто ќе им биде индициран хоспитален третман ќе бидат упатени во другите центри во Битола, Охрид или во Прилеп, рече Филипче.

Во моментот на Инфективната клиника хоспитализирани се вкупно 64 пациенти. 8 од нив имаат потешка клиничка слика.

-Неколку пациенти се во сосема добра состојба. Тие ќе се тестираат во следните неколку денови со цел да се анализираат тестовите и доколку се негативни во два наврати ќе бидат испишани, рече Филипче.

Досега вкупно направени се над 4.100 тестови, и според Филипче после Словенија во Македонија се направени најмногу тестови на милион жители. Меѓутоа, нема да се тестираат луѓето кај кои завршила самоизолацијата, а немаат симптоми.

-Стручно мислење на Комисијата за заразни болести е дека нема потреба асимптоматските пациенти да се тестираат. Затоа што тоа е предвидениот рок на инкубиција. Тоа беше дискутирано на Комисијата и беше донесена одлука од страна на епидемиолозите за завршеток на изолацијата без индикација за тест доколку луѓето коишто го поминале периодот на самоизолација се асимптоматски, вели Филипче.

Матични лекари реагираат дека на Инфективната болница одбиле да примаат пациенти заразени со Ковид-19 кои повозрасни и имаат хронични заболувања. Нивната состојба се следи телефонски. Филипче рече дека нема информација постојат пациенти кои не се хоспитализирани, а кај кои е индицирана хоспитализација. Посочува дека двајца пациенти кои се заразени од Институтот во Козле веќе се префрлени во Инфективната клиника.