Македонија
5. December 2018 - 16:34

30 дена притвор за поранешниот директор на УБК, истрагата ќе се проширува

Обвинителството ја проширува истрагата за случувањата во собранието на 27 април минатата година. Освен екс директорот на УБК Владимир Атанасовски на кого судија на претходна постапка ноќеска му определи 30 дневен притвор, обвинителката Вилма Русковска рече дека и други лица ќе бидат опфатени како осомничени во предистражната постапка.

Притворот за Атанасовски го побарале по сведочењата во судскиот процес на тројца обвинети за настаните од 27 април. Тие директно го посочија Атанасовски како еден од организаторите што е доказот на обвинителството за кривичното дело “Здружување за непријателска дејност”, а мерката притвор ја побарале по 3 основи: опасност од бегство; влијание врз сведоци и опасност од повторување на кривичното дело.

За одбраната на Атанасовски повикувајќи се на праксата на Европскиот суд за човекови права, неосновано е барањето за притвор  на Обвинителството бидејќи Атанасовски повеќе од 1 година не е на функција и да сакал да избега ќе го сторел тоа досега.

-ОЈО прави голема грешка верувајќи им на луѓе кои се соочуваат со доживотен затвор и би кажале сѐза да го избегнат, изјави Јордан Апостолски од адвокатската канцеларија Апостолски.

Атанасовски во раните утрински часови е спроведен во Истражниот затвор Скопје. Тој на местото директор на УБК го наследи Сашо Мијалков во септември 2016 година, а прв човек на тајната полиција беше до промената на Власта во јуни 2017 година.