Македонија
14. March 2021 - 19:55

30 дена притвор за Орце Камчев

30 дена притвор за бизнисменот Орце Камчев кој е осомничен во предметот „Плацеви на Водно“. Според Обвинителството за организиран криминал и корупција, мерката била побарана бидејќи Агенцијата за национална безбедност имала сознанија дека Камчев подготвува бегство од државата.

Но обвинителката Лиле Стефанова која денеска пред судија го бараше притворот за Камчев избегна да даде детали - каде, кога и на кој начин, Камчев планирал да избега од земјата.

Одбраната на бизнисменот тврди дека немало никаква основа тој да биде приведен и да му биде изречена мерка притвор. Веќе му биле одземени 2 пасоши, имал имот даден како гаранција и ... Немал план да бега туку да води успешен бизнис, тврди неговиот адвокат.

Тој обвини и дека утринава во 8 и 30 кога од неговиот дом бил приведен Камчев, му било кажано дека го носат во полициска станица за изборна измама за потоа пред судијата обвинителството да излезе со барање за притвор поради наводно бегство.

Белешката на Агенцијата за национална безбедност во која биле објаснети плановите на Камчев за бегство не им била дадена на адвокатите на Камчев. Менкиновски се сомнева дека денешното апсење е поврзано со претстојното сведочење на Камчев за случајот „Меѓународен сојуз“ каде обвинета е Ременски, а нејзиниот сопруг е вработен во Агенцијата за национална безбедност.

Камчев како сведок понуден од обвинителството пред судот треба да се појави во четврток. Тој беше и клучен сведок во „Рекет“ каде Катица Јанева и Бојан Јовановски беа осудени на затворски казни бидејќи од бизнисменот зеле еден и пол милион евра.