Македонија
30. January 2016 - 17:02

3 лица од тимот на Јанева и полицаец заработија кривични пријави поради малтретирање и незаконско влијание врз сведоци

3 лица од тимот на Катица Јанева и полицаец заработија кривични пријави поради малтретирање во службата и незаконско влијание врз сведоци. Информацијата за Сител официјално ја потврдија од скопското Обвинителство

Првата пријава по службена должност  против вработен во полицијата поради „незаконско влијание врз сведоци“ пристигнала во Обвинителството за органзизиран криминал и корупција. Вработениот во МВР имал чести контакти со тимот на Катица Јанева и Оливер Спасовски. Откако изминатиов период беше унапреден од Спасовски, според информациитесе обидел со пари да го подмити повиканото лице да и биде сведок на Катица Јанева. Втората кривична пријава е поднесена против тројца обвинители од тимот на Катица Јанева, меѓу кои и кумот на Филип Медарски-адвокат на Зоран Заев, заради „малтретирање во вршење на службата“ по член 143 од Кривичниот законик. И таа веќе е пристигната во основното јавно обвинителство.

Според неофицијални информации членовите на тимот на Јанева се јавувале на приватни телефони и испраќале пораки повикувајќи лица на паркинзи или ресторани. Овластените соработници на Јанева во недостаток на докази спротивно на законот вршеле брутални притисоци за да изнудат изјави и искази кои не кореспондираат со фактичката состојба и кои се во согласност со насоките од нивната претпоставена.

-Гледаш ли Никола Груевски што прави од државата и како не уназадува? Ти имаш фамилија, соработувај инаку ова нема тука да застане, е само еден од цитатите кои ги навеле лицата кои биле предмет на злоупотребите на специјално обвинителскиот тим.

Од Специјалното обвинтиелство вчера демантираа дека постапувале незаконски и продолжија по старо.

По точно триесет дена Специјалното јавно обвинителство се уште молчи колку прислушувани разговори му достави опозицискиот лидер Зоран Заев на ден пред Нова Година. По еден месец чекање и испратени без број прашања наместо одговор, Специјалното обвинителство испрати закани до сите новинари кои се обидуваат да ја добијат информацијата за предавањето на материјалите на Заев иако истата е јавна, согласно законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Експертите велат дека вчерашните закани на Катица Јанева зборуваат за нивото на кое се наоѓа Обвинителството и се слика на тоа што се случува кога на така одговорна функција ќе ставите обвинител кој целиот свој работен век го поминал работејќи на полесни кривични дела пред се поврзани со ситни кражби и сообраќајни несреќи.

Обвинителите кои денеска ги контактираше Сител велат дека наместо да се заканува, Јанева треба да објасни како можеше да си дозволи да направи грешка која не би ја направил ниту студент по право и да ги преземе материјалите од опозицискиот лидер без записник. Според нив, потребен е и одговорот на прашањето, дали станува збор за нестручност или пак за свесно компромитирање на кривичниот процес во кој Зоран Заев е еден од обвинетите.

Од друга страна, реакцијата на Катица Јанева и заканите кон новинарите беше пречекана со зачуденост и во дипломатските кругови. Извори на Сител од таму велат дека Јанева како проект на меѓународната заедница се однесува надвор од генералните заложби за медиумски слободи. Методите на заплашување на новинарите со тужби се идентични како оние на СДСМ, партија која во последните месеци испрати на суд голем број претставници на медиумите.