Македонија
25. March 2020 - 17:02

29 нови случаи на коронавирус во Македонија, први случаи во Прилеп и во Велес, бројката се искачи на 177 лица

Од денеска и Велес и Прилеп се новите градови на картата со ковид 19. Од 29-те новорегистрирани случаи изминатото деноноќие, тројца се велешани, двајца прилепчани а дури 20 се во главниот град. Вкупната бројка на заразени во државата се искачи на 177 од кои дури 108 се во Скопје. Загрижувачки е податокот дека околу 12 проценти од заболените се здравствени работници. Од тука се поставува прашањето ќе има ли кој да ги лекува пациентите доколку лекари и сестри мора да одат во карантин или изолација?

-Тоа што не загрижува е што овој број е голем уште на самиот почеток на битката, значи, главната војна се уште не е почната. Јас се надевам дека ќе остане на оваа бројка и следниот период нема да бидат драматични информациите, вели др. Нико Беќаровски, Клиника за Токсикологија.

Доктор Беќаровски кој освен во клиниката постојано е активен и на социјалните мрежи со совети и анализи вели дека мора да се почитуваат изречените мерки и препораки и без потреба граѓаните да не одат по болниците кои според него се едни од главните расадници на заразата.

--Што помалку одење на лекар, да се почитува што се кажува. Во петокот ми дојде еден постар господин кој бараше каде да ги исчисти ушите зошто сега немало гужви. Имам една изрека, Сега е моментот секој од нас да стане доктор, да седи дома со тоа ќе се заштити себеси и околината, вели др. Беќаровски.

Вработените на клиниките велат дека е добро што во комплексот Мајка Тереза повеќе нема гужви.

Стенд уп-Веќе втора недела во скопските клиники примаат само итни случаи. Здравствените работници се на работните места, но речиси сите се во приправност бидејќи можат да ги повикаат како испомош ако дојде до зголемување на заболените со короа вирусот.

Сеуште клуч на врата има на Клиниката за кожни болести. По тестирање на околу 200 лица кои биле во контакт со заразената Нина Билјановска и во зависност од нивните резултати ќе се знае кога оваа здравствена установа повторно ќе им биде достапна на пациентите.