Македонија
27. October 2022 - 15:12

29 годишен скопјанец исчезнат повеќе од два месеци, го однеле во хотел, од тогаш му се губи трага

Речиси два месеци се трага по 29-годишнипт Аднан Михтар од Скопје, пренесува „Фокус“.

Неговиот брат, Џани, за „Фокус“, вели дека неговото семејство е исклучително вознемирено и живее во незивесност откако нема трага од неговиот брат. Тој раскажал дека Аднан на осми септември излегол од дома и повеќе не се вратил.

-Сите сме вознемирени, бараме одговори, самите трагаме по него, но ни треба и помош од јавноста, доколку некој нешто знае, доколку некој го забележал… молиме за информации – за ,,Фокус” раскажува Џани.

Исчезнувањето е пријавено на 16-ти септември во полиција. Џани, за „Фокус“ изјавил дека фотографија од Аднан се уште нема објавено на страницата за исчезнати лица на МВР. Тој изразил разочараност за одвивањето на потрагата. 

Аднан последен пат бил забележан во Бутел, во близина на џамијата. Брат му раскажал дека влегол во автомобил со еден човек и заминал во непознат правец - информации кои ги дознале од камерите на соседите. Човекот бил повикан на полициски разговор, а семејството на Аднан знае дека кажал оти го оставил Аднан во хотел во Скопје.Отишле во хотелот, разговарале со сопственичката, им потврдиле дека бил таму до 10-ти септември и потоа си заминал, раскажал Џани за „Фокус“. 

Упорно му ѕвонеле на мобилниот телефон, но не добиле одговор, ниту пак Аднан бил активен на профилите на социјалните мрежи. 

Џани истакнал дека последен пат кога бил виден, Аднан носел плави шорцеви, бела маица и црни патики од марката Адидас. Со себе не понел друга облека. Немал постојано вработување, не бил оженет и нема деца.

Сите кои имаат било каква информација поврзана со случајот, можат да се јават кај неговиот брат Џани на 070 922 722 или пак во полиција, пренесува „Фокус“.