Македонија
26. May 2020 - 16:39

28 јуни, 5 јули и 12 јули, се стеснува просторот за избори

Се стеснува изборот на датуми погодни за одржување на изборите- 28 јуни, 5 јули или 12 јули се датумите кои власта ги нуди на опозцијата, брифираат неофицијално извори од владејачката коалиција. Лидерска средба кај шефот на државата Пендаровски се уште не е закажана. Во меѓувреме се најавува целосно олабавување на мерките пред завршување на вонредната состојба во сабота, што може да влијае и на одлуката за избори.

Без да ги коментираат последните понуди на власта, од опозцијата потврдуваат само дека канал на комуникација постои, но дека тие остануваат на нивните позиции чија примарна цел е здравјето на граѓаните. Додаваат дека се уште како безбеден термин за избори останува крајот на летото.

Се уште за нас е несфатливо како до вчера се предлагаше 58 часовен карантин, а сега се предлага целосно олабавување,но уште еднаш даги видиме одлуките. ...избори во јуни според нас не се можни имајќи пред вид број на заразени, а на нас здравјето на граѓаните ни е најважно, - изјави Димче Арсовски.

Официјално од власта и понатаму тврдат дека опозицијата се однесува неодговорно и прави се за да нема избори само затоа што се плаши од изборно соочување и пораз.

Изборите се решение и треба да се одржат во првиот можен рок, секако по завршување на вонредната состојба и согласно состојбата со епидемијата. Избори се потребни за да обезбедиме целосно функционални институции коишто ќе бидат целосно посветени на заштита на здравјето на граѓаните, но потребни ни  се функционални институции коишто ќе бидат посветени и за рестарт на македонската економија. Рековме дека договор е можен до завршување на вонредната состојба, согласно законите се знае дека избори треба да се одржат 22 дена по завршување на вонредната состојба, - изјави Костадин Костадинов.

Од друга страна, во јавноста излегоа информации дека веќе има и правно решение за новиот датум – преку смена и дополнување на одлуката за распишување на  избори од 12 април на собранискиот спикер талат Џафери и нова уредба на владата за избори.

Џафери во телефонски разговор за Сител не сакаше да ги коментира ваквите информации. Рече дека прво ќе чека лидерите да договорат датум, а потоа правните експерти ќе се произнесат како тоа правно да се изведе.

Од техничкиот премиер Спасовски стигна порака пак, дека политичките партии треба да се договорат за избори врз основа на законските прописи во државата.

Вонредната состојба, прекинот на вонредната состојба и ни остануваат уште 22 дена до изборите и тоа е нешто што сите политичари треба да бидат и одговорни и разумни во овој дел. Очекувам да се поттикне дијалогот меѓу политичките партии. Затоа што денеска се разговара и се зборува за интерес на државата и граѓаните. Ако најголем интерес е државата и граѓаните, тогаш мислам на минимум треба да се сведат личните или партиските интереси и одлуките да ги носиме во интерес на граѓаните и државата, - изјави Оливер Спасовски.

Спасовски потврди и дека до крајот на работната недела Владата ќе се произнесе и за тоа дали да заврши вонредната состојба или пак, да се продлжи за некое време.