Македонија
7. January 2021 - 19:37

27.877 спречени обиди на мигрантите да ја преминат грчко-македонската граница во 2020 година

Ниту пандемијата со корона вирусот минатата година не ги поколеба мигрантите во нивната намера, преку диви премини и нелегални патишта да стасаат до некоја од западно европските држави.

И лани како и во претходните години најголемиот број од обидите за нелегален премин се регистрирани на границата со Грција. Од јануари до декември само на јужната граница  статистиката на МВР бележи 27.877 спречени обиди за илегално преминување или за околу 6000 повеќе во однос на претходната 2019 година.

За разлика од летниот период кога полицијата на дневна основа откриваше и по 200 мигранти, последните три месеци од годината бележат значително намалување. Голем придонес за ова имаат засилените акциски контроли, но и неповолните временски услови пред се на Беласица каде во текот на летото беа откриени голем број групи од мигранти.

Минатата година на подрачјето на регионалниот центар Југ биле откриени и 30 случаи во кои имало обид да бидат прокриумчарени над 1000 мигранти. Против 30 лица поднесени се вкупно 19 кривични пријави со кои се товарат за кривичното дело криумчарење мигранти.

Кога е структурата во прашање најбројни се државјаните на Авганистан и Пакистан, а по нив следуваат Бангладеш, Сирија, Мароко Иран.

Минатата година возилата кои превезуваат мигранти беа причина и за повеќе сообраќајни несреќи. Во нив голем број лица беа повредени,а неколку го загубија и животот.