Македонија
9. September 2015 - 16:33

2500 мигранти транспортирани за 24 часа од јужната граница до Табановце

Напливот на мигранти кои влегуваат во државата не стивнува. Проценките на УНХЦР велат дека во изминатите три дена од јужната кон северната граница поминале 10.000 мигранти. Најголемиот број од нив околу 6000 биле регистрирани во понеделникот. И покрај големиот број на мигранти кои секојдневно влегуваат на македонска  територија состојбата е под целосна контрола, а нивниот превоз се одвива непречено.

Покрај железничкиот мигрантите кои транзитираат низ нашата држава користат автобуски и такси превоз. Само со воз во изминатото деноноќие од Гевгелија до Табановце биле транспортирани околу 2500 мигранти. Од општина Гевгелија велат дека и од нивна страна континуирано се преземаат сите активности неопходни за справување на напливот на мигрантите, но и за нормално функционирање на градот.

За справување со напливот на мигранти кои секојднево доаѓаат од Блискиот Исток Македонија помош ќе добие и од Италија. Италијанската амбасада во Скопје денеска соопшти дека владата на Италија ќе додели 90.000 евра наменети за финансирање на активностите на здруженијата на Црвениот крст и Црвената полумесечина на Република Македонија.