Македонија
28. January 2023 - 16:36

250 до 300 деца чекаат да се запишат во градинка во Прилеп

Години наназад во прилепските градинки на листа на чекање има од 250 до 300 дечиња. Изградбата на нова градинка во Прилеп после цели 40 години беше предизборно ветување на повеќе градоначалници, но нејзината изградба започна дури во април 2021, со ветување дека таа ќе биде готова за само 7 месеци. Но нејзината изградба доцнеше година и половина и денес објектот не е ставен функција иако е изграден. Според Општината сега на потег било Министерството за труд кое требало да ја опреми градинката.

„Активностите, т.е. анексите за продолжување за доизградба се веќе завршени и како што кажав останува уште внатрешното опремување и тоа е обврска на Министертсвото за труд, мислам дека се завршени тендерските постапки и веќе имаат склучено договори за набавка на потребната опрема“, истакна Влатко Петкоски, портпарол на Општина Прилеп.

Изградбата на градинката е комплетна инвестиција на Општина Прилеп и таа чини 133 милиони денари.

Од Министерството за труд ни соопштија дека испораката на опремата вредна над 9 милиони денари била во тек, а целосното опремување на објектот ќе завршело за 2 месеци.

Од НВО „Мултимедија прес“ направиле анкета во која 80% од граѓаните не знаат до каде е изградбата на градинката. Ги охрабруваат граѓаните да бараат отчетност од политичарите за сите нивни нереализирании ветувања.

„Нашата цел едноставна, да ја подигниме јавната свест, да ја разбудиме свеста кај граѓаните повеќе да делуваат преку јавни говорења, јавни обраќања до медиумите, дебати, работилници, преку учество на седниците на Советот на Општина Прилеп бидејќи истите се јавни. Преку користење на барањето за информации од јавен карактер, да она што го ветиле политичарите иили локалната самоуправа да го реализира во одредените рокови кои што ги утврдиле“, додаде Елизабета Филипоска, проектен менаџер на иницијативата „Информирај се, делувај за промени“.

Новата градинка има капацитет од 252 деца, со неа скоро целосно ќе бидат покриени барањата за сместување на деца во вакви установи во Прилеп.