Балкан
24. July 2015 - 13:38

24-годишна девојка намерно ги подметнувала пожарите на Корчула

Полицијата на хрватскиот остров Корчула денеска уапсила 24-годишна жена под сомнение за намерно подметнување неколку пожари на островот, јави Хина.

Полицијата тврди дека на 21 јули пироманката запалила нискостеблеста шума и трева на две места покрај патот, а потоа предизвикала пожар и во складиштето на еден од рестораните на островот.  

Следниот ден таа одново запалила сува трева и нискостеблеста шума, што довело до голем пожар, што зафатил површина од 400 метри квадратни. Огнот бил изгаснат од противпожарната служба и со помош на локалните жители.

На 22 јули вечерта пироманката ја запалила тревата во дворот на куќата, во која била сместена, а ноќта околу 2.40 часот предизвикала пожар и во самата куќа. Како последица на пожарот изгореле завесите, вратите, клима уредот и дел од креветот во нејзината соба.

Против жената е покренато обвинение за закана по животот и имотот на граѓаните и е задржана во притвор.