Македонија
21. October 2019 - 21:54

23 интервенции на запалени депонии на скопските пожарникари за една недела

За само една недела противпожарната бригада на Скопје 23 пати интервенирала на запалени депонии. Оттаму велат дека на депониите се пали се, а најчесто горат гуми и кабли. Од Бригадата се пожалија дека најголемиот дел од ресурсите ги трошат на запалените диви депонии. Чести пати се случувало да бараат дополнителна механизација на помош од локалните власти за да се справат со огнот.

-Депониите Вардариште, Арачиново и Визбегово се тие што ни претставуваат проблем и околу капацитетот на возила и околу капацитетот на луѓето што ги трошиме како ресурси. Најдобро е само да имате багер или некои механизации кои ќе прават вртење на ѓубрето, за да може да се догаси, бидејќи може да чади и по 5-6 дена ако не е ставено доволно количество на вода. Кога гори депонијата мораме да бараме од надлежните општини. Во депонијата Арачиново да бараме од самата општина механизација која ќе работи паралелно со нас за да има има дополнително догасување, вели командирот на Противпожарната бригада на Скопје, Владимир Симоновски.

Токму палењето на депониите и пожарите на отворено го зголемуваат загадувањето во главниот град. Пожарникарите вчера два пати интервенирале во депонијата Вардариште. Во исто време, мерните станици во Аеродром и Лисиче покажаа висока концентрација на штетни материи во воздухот.

Скопските пожарникари чекаат нови возила за интервенција. На 28 месецов треба да се отворат понудите од тендерската постапка која е во тек. Симоновски се надева дека до крајот на годината ќе добијат нови возила, но доколку тендерот биде неуспешен, постапката најверојатно ќе продолжи по предвремените парламентарни избори.