Македонија
2. October 2020 - 16:46

225 новозаразени - Филипче ја свика Комисијата за заразни болести на итен состанок

Алармантни 225 новозаразени со Ковид-19 за едно деноноќие. Денешната ковид статистика покажува дека дури 13,2 проценти од тестираните 1694 лица добиле позитивен тест. Ова е втор најлош резултат од почетокот на пандемијата во земјата по рекордните 241 случаи на 18 јули. Тројца пациенти од Скопје и по еден од Тетово, Прилеп и Битола на возраст од 59 до 73 години ја изгубиле битката со корона вирусот и починале во болнички услови.

Бројките покажуваат дека изминатите 24 часа најмногу заразени има во Скопје 96 но загрижувачка е состојбата и во Тетово, Струмица, Берово и Кочани каде бројките на новодијагностицирани се двоцифрени. Кочанскиот градоначалник повторно апелира до разумност кај неговите сограѓани имајќи во предвид дека овој град на истокот е трет во државата по број на активни случаи – дури 172.

Во главниот град на врвот е општина Аеродром каде има 142 активни на Ковид-19, пред Центар со 127 и Карпош со 111.

Меѓу новозаразените се и две негувателки од градинки во Валандово и во Велес кои се позитивни на Ковид 19 и во изолација одат нивните групи со деца како и колегите со кои биле во контакт. Позитивен тест имала и вработена од градинка во Драчево. Освен детските установи, од скопскиот центар за јавн оздравје потврдуваат и за двајца наставници од училишта во Бутел и Чаир кои имаат корона вирус, меѓутоа вчера не се појавиле на работа и немале контакт со ученици.