Свет
15. September 2017 - 11:11

2017 - Година на забрзан напредок на нуклеарната технологија на Северна Кореја

Тековната година беше година на забрзан напредок на ракетната програма на Северна Кореја. Од февруари оваа година, Северна Кореја лансираше 22 ракети во рамките на 15 тестови, а со секоја нова проба, ја унапредуваше својата технологија, јави Си-Ен-Ен.

Официјален Пјонгјанг лансираше ракети над Јапонија на 29 август и на 15 септември, а на 4 јули го изврши својот прв тест на интерконтинентална балистичка ракета (ИЦБМ), за која тврди дека може да достигне до „која и да е цел во светот“.

Од ракетите тестирани пред ИЦБМ, три беа со среден дострел, осум со краток или среден дострел, а податоците за една ракета се непознати. Се претпоставува дека четирите ракети испукани на 8 јуни биле бротивбродски крстосувачки ракети.

За помалку од шест години од владеењето, Ким Џонг-ун тестираше повеќе ракети отколку неговиот татко и дедо заедно. Во текот на првите месеци по инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, Пјонгјанг изведе приближно ист број ракетни проби, колку во истиот период во 2016 година. Сепак, Северна Кореја не изведе ниту еден тест во двата месеци од изборот на Трамп до неговата инаугурација.

Политичката криза во Јужна Кореја, која доведе до избор на нов претседател, веројатно, исто така, влијаеше на одлуките на Северна Кореја, наведуваат експерти за Си-Ен-Ен. Пјонгјанг во просек тестираше по една ракета секоја недела, во период од три седмици, по изборот на јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин.

Аналитичарите тврдат дека Северна Кореја мора да изведува тестови за да ја усоврши својата технологија. Се верува дека ракетните проби се точно темпирани да се совпаѓаат со важни настани во светот, поради максимален ефект. Лансирањето во мај, беше изведено за време на Самитот во Пекинг, важен проект на кинескиот претседател Си Џинпинг. Лансирањето во февруари, беше изведено за време на посетата на јапонскиот премиер Шинѕо Абе на Вашингтон, а тестот на ИЦБМ е изведен на 4 јули, Денот на независноста на САД.

Аналитичари за Си-Ен-Ен наведуваат дека се верува оти крајна цел на Северна Кореја е да развие ракета која е способна да носи нуклеарно оружје до американско тло, затоа што веруваат дека САД ќе се обидат да го отстранат лидерот Ким Џонг-ун од неговата функција.

Пјонгјанг верува дека САД не би се обиделе да го урнат режимот во Северна Кореја, доколку има капацитет за нуклеарен напад. Поради ова, веруваат дека нуклеарното оружје е клучно за спасувањето на Ким Џонг-ун од судбината на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи или на Садам Хусеин во Ирак, се наведува во анализата на Си-Ен-Ен.

Поранешниот директор на ЦИА мајкл Хајден изјави дека доколку Северна Кореја продолжи со ова темпо, би можела да развие ракета способна да носи нуклеарна глава, која би можела да стаса до територијата на Сеул, до крајот на првиот мандат на Трамп.

Експертите оценуваат дека Северна Кореја се уште не развила делотворен систем за лансирање ракети надвор од Азија. 

- Еден успешен тест не значи дека успеале. Тие тврдат дека напредокот им е многу поголем отколку што реално е, изјави директорот на безбедносната програма на Институтот Лови, Ијан Греам.

Најблиските соседи на Северна Кореја - Јужна Кореја и Јапонија, во моментов се најранливи цели на арсеналот на Пјонгјанг.