Македонија
22. January 2017 - 19:24

2016 најуспешна година за Струмичкиот завод и музеj

Струмичкиот завод и музеј минатата година реализираше над 20 крупни и голем број помали проекти со вкупна вредност од околу 5 милиони денари. Обнова на дел од фасадите од староградската архитектура, реконструкција и конзервација на црквата Свети Илија во Дојран, голем број археолошки истражувања, меѓу кои и римската терма воБанско, локалитетот Црвено поле и црквата во подножјето на Цареви  Кули со кои беа добиени нови,  но и потврдени веќе добиените сознанија, ова се само дел од реализираните проекти минатата година која од завод и музеј Струмица ја оценуваат како една од најуспешните. Од таму додаваат дека еден од најазначајните проекти кој започна во 2016,  а ќе биде финализиран на почетокот на оваа година  е возобновувањето и проширувањето на поставката на музејот.

,, Еден капитален проект на владата, тоа е возобновување на поставката на завод и музеј Струмица. Овде градежните работи веќе целосно се завршени, набавени се нови витрини во кои ќе биде изложено богатото културно наследство од Струмица и струмичко и она што е битно во мометов течат оние процедури околу графичкиот дизајн што ќе биде внатре во витрините, набавка на некои монитори, ќе правиме едно едукативно катче, ќе имаме еден простор за посетители.,, вели Зоран Рујак – директор на завод и музеј Струмица

Од  Завод и музеј Струмица најавуваат дека со слична динамика ќе продолжат и оваа година. Покрај изградбата на стариот струмички театар  која тече без проблеми  годинава ќе бидат реализирани неколку нови археолошки истражувања, реставрација и возобновување на локалитетот Цареви Кули, продолжување на  обновата на фасадите од старата архитектура, но  и неколку проекти од издавачката дејност.