Македонија
29. December 2015 - 16:36

200 нови работни места во македонска компанија која ќе инвестира во Бунарџик

Технопласт, македонска компанија која произведува пластични компоненти за автомобилската, електричната и електронската индустрија, ќе гради фабрика во скопската технолошко индустриска развојна зона.

Целокупното производство, според најавата на сопствениците, ќе се извезува и вградува во автомобилските брендови БМВ, Ауди и Рено.

- Инвестицијата ќе биде во две фази. Првата вреди 6 милиони евра за изградба на објект, набавка на технологија и ноухау. Притоа ќе се отворат 100 работни места. Во втората фаза ќе се инвестираат уште 4 милиони евра за зголемвување на капацитетот и ќе се вработат уште 100 луѓе. Значи ќе се инвестираат вкупно 10 милиони евра во период од 10 години, рече сопственикот на Технопласт Ѓорче Тодоровски.

Денес компанијата потпиша договор со дирекцијата за зоните за изградба на објект од 3000 квадратни метри со план тој двојно да се зголеми во подоцнежна фаза.  Изградбата ќе почне догодина.

- Ова е една од оние компании кај кои доаѓаат странските инвеститори кои се заинтересирани за Македонија за да видат каква технологија може да им понудат, а голем дел оние кои веќе инвестирале стануваат нивни клиенти и деловни партнери, изјави директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.

Ова е втора македонска компанија која носи одлука да инвестира во зоните. Минатата недела домашната компанија Хајтек најави изградбата на фабрика на Бунарџик. Договорот за оваа инвестиција, од 20 милиони евра, треба да се потпише во јануари.