Македонија
9. March 2020 - 19:16

200 лица во карантин поради контакт со заразената докторка

Клиниката за кожни болести е под клуч а корона вирусот дијагностициран кај директорката Нина Цаца Биљановска и нејзиното несовесно однесување стави во карантин околу 200 лица. Во домашна изолација ќе бидат 64-те вработени во оваа установа, 11 пациенти кои биле на болничко лекување и уште 13 кои изминатиот период ја посетувале дневната болница. 14 дена својот дом не смеат да го напуштат и 100 дерматолози кои биле со Биљановска на симпозиум викендот и кои веќе добиле решение за здравствен надзор. Пред затворање е и кожното одделение во штипската болница бидејќи речиси сите специјалисти биле на конгресот каде имало и тројца предавачи од Солун.

- Пациентите кои се лекуваа во клиниката доколку е ургентно ќе ја примаат терапијата дома, се додека повторно не се отвори клиниката односно најрано на 23 март. Станува збор за патологија која може да се третира одложно, односно може да се почека некој ден, изјави Венко Филипче.

Ресторанот каде викендот бил симпозиумот на дерматолози е дезинфециран а истите мерки како што кажаа здравствените власти ги направиле и на Клиниката за кожни болести. Филипче ги негираше информациите дека и директорката на кумановската болница која била во Италија наместо дома, одела на работа. Биљановска ќе биде казнета бидејќи доведе во опасност голем број на луѓе а министерот за здравство најави дека ќе има санкции за сите кои не ги почитуваат мерките.

- Сакам да кажам дека и покрај тоа што антиципиравме ризици, уште многу пред време и уште многу пред нашите соседни земји ги спроведовме сите мерки на претпазливост, како на аеродромите, така и на граничните премини, ова со што се соочивме денеска е нешто што навистина многу не разочара. Ќе се преземат мерки за директорката, сега е предизборен период, не може формално-правно да се вршат разрешувања и именувања, но во првата можност таа ќе биде разрешена од функцијата, но во овој момент тоа е ирелевантно со оглед на тоа што целата клиника ќе биде затворена 14 дена. Потенцирам дека одговорност ќе има за секој којшто нема да се придржува до пропишаните мерки. 

Покрај хаосот кој настана со директорката Биљановска, во изолација се и 30тина лица кои биле во контакт со брачниот пар од дебарско кои заболеле од ковид 19 по нивното враќање од Италија. Во изолација се и осум здравствени работници од Дебар и Центар Жупа каде сопружниците барале лекарска помош.