Бизнис
30. May 2020 - 16:41

200 евра по семејство за годишен одмор како поддршка за домашниот туризам

По 6.000 денари за секој вработен со плата до 15.000 денари. Владата ја донесе уредбата со која лицата со ниски примања ќе добијат ваучери за летување во домашните туристички центри.

Целта на оваа мерка е да им се помогне на дел од граѓаните, но со тоа да се поттикне домашниот туризам за време на вонредната состојба.

Ова значи дека доколку двајцата сопружници земаат плата под 15.000 денари и двајцата од државата ќе добијат по 100 евра за одмор. Дополнително ќе им следуваат и картички за пазарење македонски производи во износ од 3.000 денари по лице.

Според пресметките, опфатени ќе бидат над 90.000 граѓани, а ваучерите ќе може да ги користат во периодот од 15 јули до 15 декември годинава. Со овие пари ќе може да се плаќа само сместувањето или сместување со вклучена храна, но единствено во категоризирани објекти за сместување. Тоа го опфаќа и приватното сместување, но доколку има категоризација со истакнат број на ѕвездички.

Ваучерите ќе ги издава Министерството за економија, од каде велат дека граѓаните не треба да аплицираат туку дополнително ќе биде објавена листата на корисници на овие ваучери, која треба да ја изготви Управата за јавни приходи.