Македонија
3. August 2020 - 12:46

191 лице починало во јули како последица од корона вирусот

Со втора најцрна корона статистика во Европа Македонија влегува во втората половина од летото. Четирите нови смртни случаи вчера ја ставија земјава на второто место во Европа според бројот на починати на еден милион жители. 

На врвот е Босна и Херцеговина каде вчера се регистрирани 420 нови случаи и дури 13 починати.

И додека останатите земји во Европа се чини дека ситуацијата полека ја ставаат под контрола, земјите од Балканот и натаму се соочуваат со високи бројки. Србија вчера регистрираше 8 смртни случаи, Албанија 5 а Хрватска 4. 

Од почетокот на кризата во Македонија се регистрирани над 11.000 случаи позитивни на корона вирусот од спроведени над 105 илјади тестови што значи дека речиси секој десетти спроведен тест бил позитивен. Заклучно со вчера, статистиката на Министерството за здравство запишала 497 починати лица што пак значи дека секој 22ри позитивен случај завршил со смрт. Над 38 проценти од смртните случаи се регистрирани минатиот месец кога за 31 ден починало дури 191 лице или во просек, во јули секој ден како последица од корона вирусот умирале по нешто повеќе од 6 пациенти.

Во моментов како активни се водат 3626 случаи од кои половината или 1803 се во главниот град, 463 има во Штип, 291 во Куманово и 251 во Тетово. 

Инаку полицијата информираше дека во текот на вчерашниот празничен ден, полициските службеници напишале вкупно 359 казни за неносење на заштитни маски.